СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во расправија за концесии на фирма во која косопственик е Мицкоски

Архивска фотографија- седиштето на СДСМ

СДСМ денеска на прес конференција покажа документи со кои, како што тврдат, се докажувало дека лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски учествувал во како што ги нарекуваат “шеми со неговиот ментор Никола Груевски”.

Пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов рече дека Мицкоски е еден од сопствениците на компанијата „Енерготек ДОО Скопје“, основана во мај 2014 година. Таа компанија, тврди Костадинов, заедно со компанијата „Минка ДА“, основале конзорциум „МИНКА - ЕНЕРГОТЕК ДОО“ Скопје.

“Овој конзорциум, во кој удел има антизападниот пион Мицкоски, во јуни 2014 се пријавил на јавниот повик за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија со изградба на мали хидроцентрали. За рекордно време од околу два и пол месеци од основањето на Енерготек ДОО Скопје конзорциоумот кадешто удел има Мицкоски добил концесии за користење вода за изградба на хидроцентрали на реката Брегалница и на Клепалска река” рече Костадинов.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираа наведувајќи го Зоран Заев “криминален кловн” којколку повеќе бил во паника, толку повеќе ги терал “неговите потрчковци да лажат”.

“Костадинов сам ја потврди лагата на Заев изнесувајќи го податокот дека фирмата „Енергомонт“ каде претседателот, Христијан Мицкоски е косопственик со само 7 отсто од уделот, конкурирала на тендер во 2014 година, кога Христијан Мицкоски не бил советник во владата, каде што добил функција во мај 2015 година, значи една година подоцна”, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.