МВР: Командир на шумската полиција од Битола во притвор поради поткуп

Архивска фотографија- портпаролот на МВР Тони Ангеловски

Секторот за внатрешни работи Битола - Одделение за криминалистичка полиција до ОЈО Битола поднел кривична пријава против лицето Л.Ј. (46) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција. Тој рече дека пријавениот кој билвработен во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство како командир на шумска полиција – Битола во повеќе наврати побарал поткуп од лице од Демир Хисар, против кое од страна на пријавениот во својство на службено лице командир на шумска полиција – Битола е поднесена прекршочна пријава по чл.69 од Закон за шуми.

“Л.Ј. прво побарал поткуп од осумнаесет метри кубни дрва или 40.000 денари пари за подоцна истиот да продолжи да бара поткуп од 30.000 денари пари, притоа ветувајќи му дека ќе ја отфрли пријавата на судењето закажано за 26.10.2018 година. Пријавителот за таа цел, според барањата на Л.Ј., требало да му исплати 20.000 денари пред судењето и 10.000 денари после судењето, откако ќе биде отфрлена пријавата“, рече Ангеловски.

Потоа човекот од кој бил баран поткупот го пријавил настанот и надлежните преземале мерки, Л.Ј. бил приведен и одредена му е мерка 30 дневен притвор.