Марин: општината нема пари да го обештети инвеститорот кај Мајчин дом

Архивска фотографија- Градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин

Градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин во интервју за агенцијата МИА вели дека за зградата кај Мајчин дом за чија изградба има големо противење од населението, прават темелни анализи на можностите за наоѓање решение како да се спречи градењето. Решението што го бараат, вели тој, е во две насоки- наоѓање заменска парцела или преку обесштетување. Но, сепак Марин нагласува дека според досегашните анализи сумите се огромни и општината не располага со такви средства. Од тоа што досега го имале пресметано, вели градоначалникот, само за трошоците за земјиште и комуналии треба да му се вратат околу 5,5 милиони евра.

“Дополнително, инвеститорот ќе бара отштета за досегашните инвестиции, за одржување и кредити кои, според информациите што тој ги пласи раво јавноста, се многу високи. Доколку се оди во насока на обесштетување, инвеститорот би можел да побара сума и двојно поголема од првичните 5,5 милиони евра. За илустрација, Општина Аеродром во моментов има на располагање околу четири милиони и 800.000 евра, а нашиот основен буџет за цела 2018 година изнесува околу девет милиони евра” вели Марин.

Според него ова би значело комплетен крах на буџетот на општина Аеродром и огромни штети за граѓаните.

“Ова е неразумно решение и ќе ја доведе во прашање реализацијата на сите проекти, но и тековното работење.Тоа би било крајно неодговорно и ова решение не го поддржувам. Сепак, во нашиот буџет ние предвидовме 300.000 евра за проекти од областа на животната средина, што успешно се реализираат, набавивме прочистувачи за воздух за сите градинки, имаме тековна изградба на градинка, исплаќаме финансиска поддршка за првачиња и многу други проекти што не би можеле да се реализираат во тој случај” вели Марин.

Тој ја отфрла можноста за мораториум, велејќи дека тоа не би го решило проблемот, туку само ќе го одлжело градењето и ќе ја комплукивало ситуацијата.