Иванов: Самуиловата држава била слично негирана како Република Македонија

Претседателот Ѓорге Иванов на конференција за византологија и медиевистика насловена „Самуиловата држава – 1.000 години потоа“

„Пред еден милениум самуиловата држава се соочувала со слични предизвици како и современата македонска држава Република Македонија, тие предизвици се негирање, непризнавање, обиди за блокада, изолација, погрешно именување“, изјави претседателот Ѓорге Иванов во обраќање на Национална конференција за византологија и медиевистика насловена „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“ што денеска ја отвори во Охрид.

„Од нас зависи дали ќе ја зачуваме академската слобода или на идните генерации во наследство ќе им оставиме цензурирана и фалсификувана историја“, рече Иванов.

За Иванов АСНОМ-ска Македонија е фиданка што изникнала од коренот од кој изникнала и Самуиловата држава на која, како што предупреди, „се прават обиди да и се накалеми туѓа гранка“.

„Таа туѓа гранка е Договорот од Преспа. Во член 8, точка 5 е предвидено формирање на заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања. Иако тој комитет би требало да го разгледува објективното научно толкување на историските настани, сепак симптоматично е што тоа треба да го прави под надзор на министерствата за надворешни работи на двете држави“, вели Иванов.

Тој додаде дека авторите на текстот на Договорот од Преспа „кои и да се“ покажуваат или елементарно непознавање на балканската историја или загрижувачка индиферентност кон сложените процеси на градење балкански идентитети.

„Искрено не знам која од овие две алтернативи е полоша“, рече Иванов.

Според Иванов со Договорот од Преспа се негира правото на самоопределување и правото на слобода на мислење и изразување гарантирани со Универзалната декларација за човекови права.

„Современата грчка држава инсистира името Македонија да се употребува само за административната област што се наоѓа во нејзините граници. Бирократите во некои меѓународни организации го бришат името Република Македонија и придавката македонски со еднаква ревност како што тоа го правеле византиските хроничари пред илјада години“, рече Иванов.