Со прикажување видео снимки од безбедносните камери во Собранието, денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за случувањата во Собранието на 27 април минатата година.
Во судница присутни се сите 33 обвинети, а обвинителството на почетокот на рочиштето предложи спорните снимки за одбраната да бидат повторно и во целост презентирани, на што судијката Кацарска, рече дека нема да дозволи повторно гледање.
Судењето продолжи со прегледува снимка од камерата пред вратата од кабинетот на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски, на која се гледа движење од членовите на неговото обезбедување, како и на обвинетите Горан Ѓошевски и Елена Божиновска, како и Иван Цветановски, а потоа се појавува обвинетиот Никола Митревски Кољо, со фантомка што ја симнува и доаѓа до Абдулфета Аљими и обезбедувањето, пренесува МИА.
Исто така се гледа како толпата која влезе во Собранието доаѓа до кабинетот, а потоа дел се враќа по скалите надоле. Се појавуваат и лица со фантомки и облечени во црно, од кои обвинителката ги посочува Стефан Младеновски и Митре Митроповски.
За случајот „27 април“ обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.