Проектите во Дебар се реализираат, но младите и натаму се иселуваат

Спроведување на општински проект Дебар.

Локалната власт во Дебар е задоволна од спроведените проекти, задоволни се и граѓаните, но велат дека треба нешто повеќе да се стори за да се спречи иселувањето на младите. Опозицијата, пак, оценува дека ветеното не е реализирано.

Локалната власт во Дебар е задоволна од реализираните проекти во текот на последната година. Во владејачката партија на локално ниво, Демократската унија за интеграција (ДУИ), која е во коалиција со СДСМ, велат дека во општината се реализирани капитални проекти битни за граѓаните.

Реализирани се сите ветени проекти. Особено би сакал да ги изнесам трите клучни проекти како што се изградбата на центарот, без кој не личевме на град, потоа изградбата на зелен пазар кој веќе е даден во употреба а изграден е и нов објект за гимназијата. Но имаме и други бројни проекти во патната инфраструктура. Ние и сега продолжуваме со проектите во оваа сфера“, истакнува градоначалникот на Дебар Ружди Лата, кој е од редовите на ДУИ.

Од друга страна, опозициската Алијанса за Албанците оценува дека ДУИ од она што го вети на локалните избори нема реализирано ништо што би било во интерес на граѓаните.

„Пред една година ветија изградба на нов објект на градинката, но тоа не е сторено. Исто така имаше ветувања дека ќе се гради нов резервоар за водоводот, но и тоа не е реализирано и проблемот со водоснабдувањето во летниот период останува отворен. Од изградбата пак на центарот нема ништо. За жал, проблемот со депонијата не е надминат и истата продолжува да ги труе граѓаните“, вели претседателот на огранокот на партијата Алијанса за Албанците во Дебар, Илирјан Фетаху.

Граѓаните сметаат дека се реализирани проекти, но според нив примарна задача и на локалната и на централната власт треба да биде запирање на масовните процеси на миграција на младите од овој западен регион на Македонија, бидејќи градот и селата остануваат без млади.

„Општината треба да посвети повеќе внимание на јавната хигиена, но исто така локалната власт да стори нешто во однос на намалување на масовната миграција на младите. Ако останува светот на младите, тогаш младите треба да се овде во родниот крај“, истакнува млад дебарчанец.

„Локалната власт спроведе многу добри проекти и така треба да продолжи и во наредниот период“, додава друг жител на Дебар.