САД, поделби и политички тероризам?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во САД напнатост по сомнителните пакети

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика медиумите да ги запрат „бескрајните непријателства“ откако потенцијално експлозивни пратки беа упaтени до телевизијата Си-Ен-Ен и до неколкумина видни членови на Демократската партија, меѓу кои и до Барак Обама и Хилари Клинтон.

Говорејќи пред неговите приврзаници на еден предизборен митинг во Висконсин претседателот Доналд Трамп се осврна и врз инцидентот со пакетите со експлозивни направи упатени до поранешниот претседател Барак Обама и екс државниот секретар Хилари Клинтон, како и до други членови на Демократскaта партија и до телевизијата Си-Ен-Ен.

Тој притоа изјави дека јавните личности треба да ја смират нивната реторика и ги повика медиумите да ги запрат нивните, како што рече, „бескрајни непријателства“ и „лажни напади“:

„Јазикот на морална осуда и деструктивна рутина, ова се аргументи и несогласувања кои треба да престанат. Никој не треба безгрижно да ги споредува политичките противници со историските негативци“, рече Трамп.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс пак вети целосна истрага и откривање на оргaнизаторите.

Овие кукавички дела се одвратни и немаат место во американското општество. Сакам да ве уверам дека ги распоредивме целосните ресурси на тајните служби и на ФБИ и тие тесно соработуваат со полициските службеници. Ќе продолжиме да ги следиме овие истраги и одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Пенс.

Претходно, поранешниот американски државен секретар Хилари Клинтон оцени дека Соединетите Држави минуваат низ „вознемирувачки период“.

„Ова е период на длабоки поделби и затоа треба да се обединиме заедно“, рече Клинтон во Мајами на еден предизборен митинг.

Инцидентот со сомнителните пакети доаѓа во пресрет на изборите за Конгресот, закажани за 6 ноември што ги зголеми политичките тензии во САД.

Телевизиската мрежа Си-Ен-Ен наведе дека на пакетот со можен експлозив било напишано името на Џон Бренан, поранешен директор на ЦИА, кој сега е коментатор за оваа телевизија.

Напнатоста порасна кога слични пакети, освен оние адресирани до Обама и Клинтон биле пронајдени и во уредите на конгресменката Деби Васерман Шулц и гувернерот на Њујорк Ендрју Куомо.

Деновиве сличен пакет му беше упатен и на милијардерот Џорџ Сорос кој всушност е главен финансиер на политичарите на Демократската партија.

Досега никој не ја презеде одговорноста, но извори блиски на ФБИ сметаат дека тоа би можело да биде координирана акција.