Богданов: Раководството на ВМРО-ДПМНЕ е промотор на антизападна националистичка реторика

Костадин Богданов, поранешен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Во однос на театралната “катарза” преку која ВМРО- ДПМНЕ се реформира во нова антизападна партија, чувствувам за потребно да го кажам следното: Моето политичко дејствување во раководоството на ВМРО-ДПМНЕ беше со единствена цел - да изградиме модерна, демократска и европска партија која силно, со конкретни чекори ќе ја поддржи евроатлантската агенда на нашата држава. За жал, раководството на ВМРО- ДПМНЕ е далеку, многу далеку од овој идеал.

Ова е реакцијата на разрешениот член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој заедно со десетина други партиски функционери, беше отстранет од функцијата по изјаснувањето и гласањето за уставните измени во Собранието.

„Раководството на партијата продолжи да биде промотор на антизападна националистичка реторика, која ги топли срцата на краток рок, но на среден и долг рок создава несогледливи последици врз општеството, граѓаните и иднината на државата“, напиша Богданов на својот официјален Фејсбук профил.