Состанок на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за политичката состојба

Седиштето на ВМРО ДПМНЕ

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва, според официјалните информации, треба да разговара за моменталната политичка состојба во државата и обезбедувањето на двотретинското мнозинство во Собранието за поддршка на уставните измени. Но, дел од медиумите, повикувајќи се на партиски извори, објавија дека има внатрепартиски превирања и дека за тоа ќе се разговара на вечерашниот ЦК.

Во пресрет на состанокот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, за состојбите во партијата се огласија неколкумина актуелни и поранешни партиски претставници.

Во изјава за медиумите поранешниот висок партиски функционер Сашо Мијалков вели дека тој дал оставка на сите функции во партијата и со тоа на никаков начин не влијае во нејзиното работење.

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски на Фејсбук му искажа поддршка на Мицкоски, а тоа го направи и патеникот Антонио Милошоски.

Пратеникот Илија Димовски, пак, ја критикуваше актуелната политика на партијата која според него води во изолација и губење на капацитетите да влијае на политичките процеси во државата. Тој го осуди бркањето од партијата на како што вели, т.н. предавници и нелојални членови.

Според него, партијата мора да направи измени во статутот и дисконтинуитет со грешките од минатото, за да може повторно да влијае на политичките процеси во државата.

Највисоките тела на партијата во петокот ги исклучија од членство седумтемина пратеници кои дадоа поддршка во Собранието за пристапување кон измени на Уставот, согласно Договорот од Преспа.