Двотретинското мнозинство за почеток на уставни измени во согласност со Договорот од Преспа е историска пресвртница за Македонија и отворање на патот кон европската иднина на македонскиот народ, рече заменик помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер по средбата со премиерот Зоран Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање, Палмер рече дека се сретнал со многумина пратеници, меѓу кои и од ВМРО-ДПМНЕ, и оти тоа што не се сретнал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и со претседателот Ѓорге Иванов не е порака кон нив дека вратите на САД се затворени за нив. Уште еднаш, тој ја нагласи поддршката на САД за Договорот од Преспа.
Македонското раководство и македонскиот народ на патот кон НАТО и ЕУ може да смета на пријателството и поддршката од САД, рече тој.
Премиерот Зоран Заев рече дека со Палмер се согласиле дека одлуката за пристапување кон уставни измени на 80 пратеници во петокот има историско значење.
Гласот на пратениците е глас против нови политички кризи и поттик да почнеме со политичко помирување и обединување, рече Заев.