Путин потпиша указ за „специјални економски мерки“ против Украина

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој се овозможуваат „специјални економски мерки“, како одговор на, како што се наведува, „непријателските активности“ против руски државјани и компании во Украина. Во указот, кој денеска беше објавен на интернет страницата на Кремљ, Путин ја повикува владата да подготви листа на украински фирми и поединци кои ќе бидат цел на економските санкции.

Во указот исто така се посочува дека санкциите може да бидат укинати ако Украина ги укине сите ограничувања против руските граѓани и компании.

Исто како и САД и ЕУ, Киев воведе санкции против руски милијардери, компании и други субјекти како одговор на руската анексија на Крим во март 2014 година и руското мешање во конфликтот во источна Украина.

Во јуни, Путин потпиша закон за противмерки против САД и другите земји кои ѝ воведоа санкции на Русија.