Димовски: очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ се движи кон изолација

Архива: пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Веќе е видливо дека ВМРО-ДПМНЕ се движи кон изолација, и спрема надвор, и спрема сите други политички фактори во државата, но и спрема сите свои членови кои за едни, други или трети теми имаат различно мислење од претходното и од сегашното раководство, вели пратеникот Илија Димовски во пишана изјава.

Димовски наведува дека ВМРО-ДПМНЕ сама се довела во ситуација да го изгуби капацитетот да влијае на било кој сериозен политички процес во земјата.

„Партијата веќе подолго време не успева да оствари ниту една од своите политики и заложби токму заради оваа изолација. Така и нашите поддржувачи губат верба дека било што и да е став и заложба на ВМРО-ДПМНЕ тоа некогаш може да стане реалност и да се ефектуира“, вели Димовски.

Тој додава оти е штета и што партијата внатрешно во себе, наместо да се шири, развива и расте, да прибира повеќе луѓе и идеи околу себе таа континуирано се занимава со бркање т.н. предавници, непријатели и нелојални членови, вели тој.

„Се додека не се воведе принципот на почит и поддршка за различно мислење од официјалниот став на партијата по однос на политиките, ВМРО-ДПМНЕ нема да успее да напредува. Во тој контекст размислувам и дека нападите, разрешувањата и исклучувањето на луѓе во последниот период се избрзани и резултат на некорисни емоции и сериозен афект од состојбата“, вели Димовски додавајќи:

„ВМРО-ДПМНЕ растела секогаш кога прибирала луѓе околу себе. Сакам да подвлечам дека нема да учествувам во ниту една нова фингирана битка, игра и пресметка во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи почнувајќи со Конгресот во Валандово па се до ден денес сите се такви, фингирани“, посочува Димовски.

Тој исто така наведува дека на партијата во моментов и е потребна темелна реформа на Статутот, целосна демократизација во процесот на избор на партиските тела и органи, партијата да го напушти принципот да биде водена по правилото за градење на култ на личност, ВМРО-ДПМНЕ да направи дисконтинуитет со грешките во минатот и партијата да научи да гради нови мостови, наместо да ги крши и оние кои досега ги има, вели Димовски.