Русија му одговори на Трамп

Договорот за уништување и забрана на производство на проектили со кус и среден дострел (ИНФ) очигледно ги ограничува плановите на Вашингтон да оствари целосна доминација, изјави денеска заменикот-министер за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков, коментирајќи ја изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД ќе се повлечат од тој Договор со Русија.

“На прв поглед можам да кажам дека очигледно овој договор и создава на Америка проблеми за остварување целосна доминација во воената сфера”, изјави Рјабков.

Тој оцени дека повлекувањето на САД од договорот би бил многу опасен чекор, кој Mеѓународната заедница сигурно би го осудила. Според него, Русија доследно се придржува до Договорот и во повеќе наврати во изминатите години посочувала дека САД го кршат. Рјабков изрази очекување од американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон, кој денеска пристигнува во Москва, да го објасни потегот на Вашингтон. Рјабков се надева дека Болтон ќе понуди повеќе детали и појаснувања на чекорите кои американската страна планира да ги преземе.