Коѕијас: Јас сум најсреќниот министер во оставка

Никос Коѕијас

Ден на радост е денешниот за новиот, но и за стариот министер за надворешни работи на Грција, поради вчерашниот позитивен резултат од гласањето во македонското Собрание. И покрај оставката и заминувањето на Никос Коѕијас од позицијата шеф на грчката дипломатија, и тој и Ципрас денеска изјавија дека се среќни.

“Си заминуваш на еден радосен ден за нашата надворешна политика”, му рече Ципрас на Коѕијас, a тој пак порача дека е најсреќниот министер во оставка.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во присуство на дипломати, на замениците министри за надворешни работи и во присуство на голем број странски и грчки новинарски екипи, во грчкото МНР, на свеченоста за примо-предавање на функцијата министер за надворешни работи, Алексис Ципрас и официјално го наследи Никос Коѕијас на позицијата шеф на грчката дипломатија.

И двајцата, во нивните oбраќања се задржале на грчката надворешна политика, но и на прашањето за името и Договорот од Преспа.

“Навистина, денешниот ден е симболичен и историски ден за нашата надворешна политика, по вчерашната одлука на Собранието на Скопје, која го отвора патот за да се имплементира историскиот договор”, рече Ципрас кој уште еднаш повтори дека уставните измени се предуслов за интеграција на нашата земја во ЕУ и НАТО.