Второстепената пресуда од Апелацискиот суд за предметот „Тенк“ за Никола Груевски и Ѓоко Поповски денеска е доставена до Кривичниот суд, соопшти денеска Судот.
„Второстепената пресуда за предметот со КОК бр. 59/17 од обвинителството означен како „Тенк“ од Апелацискиот суд – Скопје денеска беше доставена до Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Пресудата ќе биде распределена на понатамошно постапување кај судија за извршување санкции кој во следниот период треба да изготви упатен акт и да го испрати до странките во постапката, соопштуваат од Кривичниот суд.
Апелацискиот суд ја потврди затворска казна од две години за поранешниот премиер ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а ја намали казната од 6,5 на 4,5 години затвор за поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски.
Груевски беше осуден за обвинение за незаконско влијание врз министрите за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и нејзиниот заменик Ѓоко Поповски во тендерската постапка за набавка на возилото „мерцедес С – 600“.