Собраниската расправа за уставните измени продолжува утре

Собраниска седница. Собрание.

Собранието на Република Македонија утре во 12 часот ќе ја продолжи седницата на која се расправа за утврдување на потребата од предлогот на Владата за уставни измени за имплементирање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.

На вториот ден од расправата, Елизабета Канческа-Милевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека има непочитување на претседателот, законските одредби од Уставот и Деловникот на Собранието при склучувањето на договорот со Грција.

Нагласи дека факт e оти Референдумот беше неуспешен и колку да се обидуваме, додаде, не можеме да ги промениме бројките кои се фиксни и се знаат.

"Сите сме согласни за ЕУ и НАТО, но не можете да организирате референдум и да прифатите промена на Уставот без да обезбедите национален консензус", посочи Канческа-Милевска.

Во реплика премиерот Зоран Заев порача дека процесот на преговори со Грција се водел најтранспарентно досега и за секој чекор бил информиран шефот на опозицијата, лидерите на поголемите политички партии и претседателот на државата, се до рамките со кои не се нарушувале преговарачките стратегии. За референдумот премиерот рече дека опозицијата не си го кажала својот став и затоа се одлучиле да биде консултативен. Тој посочи дека го критикуваат зошто е толерантен спрема опозицијата и додаде, на критичарите им велам консензус ќе ни треба, важни прашања се решаваат.

"Свесен сум дека немам 80 пратеници. Направив се што можев да направам за да имаме инклузивен процес. Денеска носиме одлука да дадеме шанса да се отвори постапката, а на крајот не мора да ги гласаме уставните измени ако нешто е загрозувачки и тајно. Кој ни дал право јас и Димитров да изготвиме амандмани. Ние не смееме да чепнеме додека Парламентот не одобри, оти тогаш ќе ја силуваме демократијата и процедурата во државата. Ветувам дека заедно ќе ги работиме со сите вас. Ако не се договориме имате право да не ги гласате", потенцира Заев.

Целта, како што кажа, е да се најде спогодба која ќе води кон пријателство и нема да остави нови траги за во иднина нови влади, македонски или грчки, да прават некои дополнителни непријатности.

" Сега само се утврдува потреба за отпочнување на уставни амандмани, ќе има понатаму гласање за нацртот, ќе имаме двотретинско гласање за уставните амандмани. Тоа е процес којшто ќе трае повеќе од 100 дена. Затоа уште еднаш како прв во извршната власт кажувам спремен сум да седнам со сите вклучитело и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да можеме да изградиме сценарио и консензус по ова прашање", рече Заев.