Трамп: Матис „би можело“ да замине како шеф на одбраната

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп: Матис е некаков вид демократ кој би можел да си оди

Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за телевизијата Си Би Ес изјави дека секретарот за одбрана Џим Матис може да замине од функцијата. Притоа Трамп оцени дека Матис бил „некаков вид на демократ“.

Генерал Матис, кој се смета за еден од најистакнатите, но исто така и за еден од понезависните членови на кабинетот на Трамп, според посматрачите, претставувал своевиден баланс на претседателот Трамп во неговиот третман на американските сојузници.

Во интервјуто за Си Би Ес кое се емитуваше во неделата Трамп беше запрашан дали би сакал Матис да замине.

„Мислам дека е еден вид демократ, ако сакате да ја знаете вистината. Но, генерал Матис е добар човек. Многу добро работиме. Може да си замине. Мислам дека во одреден момент сите ќе си заминат. Луѓето заминуваат. Тоа е Вашингтон“.

Трамп притоа изјави дека деновиве ручал со Матис и оти пензионираниот маринец со четири ѕвездички не му рекол дека заминува.

Гласините дека деновите на Матис како шеф на одбраната се избројани се проширија откако во книгата на новинарот Боб Вудворд за хаотичната Бела куќа е наведено дека генералот го довел под прашање расудувањето на Трамп, споредувајќи го неговото разбирање како со она со на едно 10 или 11 годишно дете.

Оттогаш ова е за прв пат Трамп да каже нешто негативно за Матис, кој во минатиот месец им кажа на новинарите да не ги земаат за сериозно извештаите дека размислувал да си замине од Вашингтон.

Трамп во интервјуто демантира дека имало хаос во Белата куќа по сменувањето на неколкумина официјални претставници.

„Тоа е погрешно. Тоа е толку лажно. Тоа е лажна вест. Сега од стотици и стотици луѓе некои не можев да ги изберам. Јас ги менувам работите наоколу. Имам право на тоа“.

Пред неколку денови американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли ја објави својата оставка, која стапува во сила на крајот од годината.

Таа не даде никаква причина за изненадувачкиот потег, но набљудувачите забележаа дека издигнувањето на Џон Болтон како советник за национална безбедност и на Мајк Помпео како државен секретар ја пренасочија динамиката на моќта на националниот тим за безбедност на Трамп.