Могерини: Договорот со Грција е можност која може да не се повтори

Ја имав привилегијата да присуствувам на потпишувањето на Договорот помеѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев во јуни покрај Препсанското Езеро. Двете страни покажаа политичка храброст, лидерство, одговорност и работеа неуморно за да ги премостат разликите и старите проблеми и да го постигнат овој историски договор кој цела Европа го поздрави. Сега има национални процедури за имплементација на договорот што се одвиваваат во двете страни и тоа треба да биде заштитено и почитувано, вели во интервју за МИА, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.

Таа додава дека ги разбира чувствителностите и комплексната историска позадина на спорот, како и изразените загрижености, но додава дека Преспанскиот договор е можност која може да не се повтори.

„Спорот не постоеше толку долго без причина, меѓутоа, како што видовме во минатото, колку повеќе времето минува, толку е потешко да се изнајдат решенија. Преговарачкиот процес мора да бил болен и резултатот е компромис. Но, е компромис со кој успешно се исполнуваат клучните интереси на двете страни. Нашата позиција е јасна: ЕУ целосно го поддржува постигнатиот договор. Ова е уникатна можност за помирување на Западниот Балкан која можеби нема да се повтори. Се надевам дека сите страни ќе ги зграпчат моментот и дека ќе обезбедат иднина во ЕУ за земјата, иднина која цела нација се надева со години да стане реалност“, вели Могерини.