400 милиони евра од Светска банка за поддршка на напредокот на Македонија

Претставниците на Светска банка на презентацијата на 12-от извештај за земјите од Западен Балкан

Министерството за финансии соопшти дека Светска банка ќе ѝ стави на располагање околу 400 милиони евра на Македонија за проекти во следните четири години, што било истакнато на годишните средби на ММФ и Светска банка на кои учествува македонска делегација предводена од министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерот на НБРМ, Анита Ангеловска Бежоска.

„Со овие средства ќе се поддржи подобрувањето на конкурентноста на приватниот сектор, развојот на вештини и создавањето на повеќе можности за најранливите категории, како и подобрена институционална и фискална одржливост“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.

„Со новата стратегија 2019-2023 ќе се вложат значајни средства во подобрување на конкурентноста на македонската економија и постигнување на инклузивен и одржлив раст. Станува збор за околу 35 проекти од областа на поддршка на бизнисот, транспорт и врски, здравство, социјална заштита, труд и социјала, информатичко општество и администрација, образование и наука, животна средина, финансии и земјоделство“, вели министерот за финансии Драган Тевдовски.