Собраниската уставна комисија изгласа да се почне со измени на Уставот

Седница на собраниската Комисија за уставни прашања

Со 10 гласови за и 7 против, Собраниската Комисија за уставни прашања го усвои заклучокот Собранието да го поддржи предлогот на Владата за уставни измени и Собранието да донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот. Со третиот заклучок, Собранието ѝ наложи на Владата во рок од 15 дена да подготви нацрт текст на уставни амандмани.

Собраниската седница е закажана за в понеделник и за да се усвои одлуката за пристапување кон измени на Уставот ќе биде потребно двотретинско мнозинство.

Со тоа заврши дебатата за уставните измени во Комисијата за уставни прашања која траеше два дена.

Власта повика на обединување зад европската иднина на земјата, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ останаа на своите позиции дека нема да гласаат за уставни измени и за промена на уставното име.