Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски денеска ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на пленарната седица в понеделник да ги поддржат уставните измени и заеднички да ја обезбедат европската иднина на граѓаните.
„Убеден сум и не сакам да верувам дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за уставни измени во понеделник, рече Мисовски, повикувајќи ги колегите од опозициската партија истовремено со поддршката на уставните измени да го бранат и, како што рече, заедничкиот став за евроинтеграциските процеси на државата.
Мисовски рече дека со Предлогот за пристапување кон уставни измени се потврдило дека не се губи ништо, туку напротив се обезбедува иднина во ЕУ и НАТО со зајакнат македонски идентитет кој конечно станува признаен од целиот свет.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска пред почетокот на продолжението на седницата на Комисијата за уставни прашања одржуваат координација со партиското раководство. Координацијата се одржува во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Почетокот на продолжението на Комисијата за уставни прашања на која треба да продолжи претресот за Предлогот за пристапување кон уставни измени е закажан во 14 часот.