САД бараат Русија да не ги признава изборите во источна Украина

Специјалниот американски претставник за Украина, Курт Волкер

Специјалниот американски претставник за Украина, Курт Волкер, денеска изјави дека изборите кои се планираат од страна на сепаратистите во источна Украина, кои се поддржани од Русија, се нелегитимни и ја повика Москва да не ги одобрува. Волкер за телевизијата Current Time, сервис на РСЕ во соработка со Глас на Америка, изјави дека не можат да се спроведат легитимни избори на територија окупирана од странски сили. Тој додава и дека властите не се легитимни, туку станува збор за илегални вооружени групи и политички ентитети создадени од Русија.

Сепаратистите планираат да одржат избори за регионален парламент и нов лидер на 11 ноември. Тие на избори одат откако нивниот лидер Александар Захраченко беше убиен во август.

Повеќе од 10.300 луѓе се убиени во источна Украина воконфликтот меѓу украинските владини сили и сепаратистите поддржани од Русија, од почетокот на војната во април 2014 година.