Заврши седницата на Уставната комисија, продолжува в петок напладне

Седница на собраниската Комисија за уставни прашања

Попладнево во Собранието продолжи седницата на собраниската комисија за уставни прашања на која на дневен ред се уставните измени коишто произлегуваат од Договорот за името со Грција. Претседателот на Собранието и претседател на комисијата Талат Џафери продолжението го закажа за в петок во 12 часот.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во текот на расправата рече дека одлуката СДСМ сама да влезе во овој процес е одлука која што го погребала процесот. Според него имало решение, а тоа било “заедништво, единство и консензус”. Во тој контекст Димовски ја спомена "Резолуција за изнаоѓање на стратегија за наметнатиот спор од страна на Република Грција за нашето уставно име" која собранието ја донесе во 2008 година.

“Да се вратиме на оваа Резолуција од 2008 година и да го обезбедиме заедништвото , единството и консензусот и да изградиме заеднички позиции, попатно да побараме стратешко партнерство со НАТО сојузот, по примерот со стратешкото партнерство што го имаме со Соединетите Американски Држави и Република Турција и да побараме од тие два наши стратешки партнери да бидат спонзори во тој процес” рече Димовски.

Премиерот Зоран Заев, кој заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров присуствуваа на собранискатa дебата, во репликата кон Димовски негираше дека не биле информирани другите за текот на разговорите со Грција. И Мицкоски и Иванов знаат дека за секој телефонски разговор во процесот на постигнувањето на договорот информирав, рече премиерот наведувајќи дека некој морал да донесе одлука и го направил тоа.

“Верувам блиску сме, единство, заедништво, консензус, но немојте назад. Видовме што се случи. Ни заминаа млади, светот напредува, а ние одиме назад. Што ако ја пропуштиме оваа шанса? Да, решението е заедно, верувам дека исти ни се целите за Македонија во ЕУ и НАТО”, рече Заев и ги повика ВМРО-ДПМНЕ да гласале “за” и заедно да ги донеселе одлуките.