По информациите за план Б наводно претставен од министерот за одбрана на Грција Панос Каменос во Вашингтон за меѓудржавни договори, извори од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас, коментираат дека грчката влада останува посветена на Договорот од Преспа и ги поддржува напорите на македонскиот премиер, јавува грчката агенција АНА-МПА.
"Грчката влада останува посветена на Договорот од Преспа. Ги почитува уставните процеси во соседната земја и ги поддржува напорите на господинот Заев да ги имплементира предусловите за Договорот да стапи во сила", коментирале за агенцијата извори од кабинетот на грчкиот премиер, Алексис Ципрас.
Претходно, како што се јавува, грчкиот министер за одбрана Каменос кој престојува во официјална посета на Соединетите Американски Држави, на своите соговорници наводно им рекол дека Договорот од Преспа нема да се ратификува во македонскиот парламент и предложи „одбранбен договор меѓу Грција, ПЈРМ, Албанија и Бугарија, а подоцна и Србија, со цел да се создаде лак на стабилност на северната граница на земјата”.