На денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје за случајот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности „Титаник“ беа преслушани 117 „бомби“. Во најголем дел во разговорите од март 2013 година учествува поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој се јавува по одговорни лица во министерства, институции и училишта за да агитираат врз вработени да гласаат на изборите.
„Имаш кај тебе вработен Н.Н. Да му кажеш да излезе и гласа. Утре до 9:00 часот со цела фамилија да гласал“, се слуша во речиси секој разговор на екс министерот со одговорните во институциите.
Јанакиески во разговор со поранешната министерката за култура Канческа Милевска и кажува со име и презиме кои вработени треба да ги лоцира и утре со фамилијата да гласаат, додека во друг разговор со одговорна од министерство за правда ја советува да се јави лично на луѓето, зошто тој тоа го правел и имало ефект.
Во една од бомбите Јанакиески и објаснува на соговорничката како прават проверка дали вработените излегле да гласаат и дека сите вработени треба после гласање во Месен комитет да се попишат, со цел да се направи дополнителна контрола.