Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин денеска изјави дека главен безбедносен проблем на Србија и најголемата закана за мирот на Балканот се обидите за создавање на „Голема Албанија“. Според него, новата држава би ја опфаќала територијата на денешна Албанија, делови на Србија, Македонија, Црна Гора, како и еден дел на Грција.
Говорејќи на панелот „Регионална стабилност“ на конференцијата „Кон побезбедна Србија“, тој истакна дека „Голема Албанија“ е тоа што предизвикува длабока нетрпеливост и голема загриженост, а отсуството на реакција на меѓународната заедница на нејзиното создавање е нешто што загрижува.
Тој оцени дека во ЕУ и на меѓународните форуми многу малку се зборува за изјавите на косовскиот претседател Хашим Тачи дека „Албанците го сонуваат сонот за обединуње“, на албанскиот премиер Еди Рама дека „Косово и Албанија треба да имаат заеднички претседател“, како и на албанскиот претседател Илир Мета за границите како главен безбедносен проблем на Балканот.