Македонско-германски форум: „граѓаните се заморени од политика“

Архива: граѓани на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје.

Ниската излезеност на референдумот е израз на се поголема замореност од политиката во Македонија и многу граѓани се едноставно уморни од сите спорови во политиката, изјави денеска претставникот на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија, Јоханес Раи на Македонско-германскиот форум во Скопје „Градиме мостови - политики и економија“.

„Веќе 3 ипол години сум во Македонија и имав можност да запознаам многу луѓе. Мојот впечаток е дека се повеќе и повеќе граѓаните немаат желба да ги слушаат игрите на политичарите и да бираат она што се бара од нив „или си со нас или си против нас“, вели Раи посочувајќи дека многу од граѓаните на Македонија одлучија да ја напуштат државата.

„Триста илјади Македонци живеат во странство, меѓутоа има и други бројки кои велат дека тоа се можеби 400 илјади или половина милион. Никој точно не ја знае бројката на иселените Македонци“, истакна Раи. Тој веле оти е време да се запре овој одлив на мозоци, а за тоа според него е потребно да има политички систем и институции кои функционираат.