Вучиќ ќе бара поддршка од Путин за „ситуацијата во Косово“

Сртпскиот претседател Александар Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека ќе побара поддршка од рускиот претседател Владимир Путин за „ситуацијата во Косово“ кога двајцата лидери ќе се сретнат во Москва во наредните денови.

Вучиќ на 29 септември изјави дека Косово „дефинитивно ќе биде фокус“ на разговорите. Српските медиуми известуваат дека средбата меѓу Вучиќ и Путин ќе се одржи во Москва.

„Ќе го информираме Путин за последните случувања и ќе побараме негова поддршка на сите меѓународни форуми“, изјави Вучиќ додавајќи: „ќе побараме совет, без сомнение.“

Коментарите на Вучиќ доаѓаат откако десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Приштина на протест против можната размена на територии со Србија.

Косовските опозициски политичари го обвинија косовскиот претседател Хашим Тачи за договарање со Вучиќ за можна размена на територии. Тачи јавно зборуваше за можна „корекција на границите“ со која српската јужна долина Прешево би можела да стане дел од Косово.

Во меѓувреме, косовските и српските претставници разговараа за можен договор врз основа на тоа каде се концентрирани етничките малцинства, како Прешевската долина и северниот косовски регион каде доминира српското население.