Над 12 илјади набљудувачи ќе го следат референдумот

Илустрација: Гласање

Рекорден број домашни и странски набљудувачи утре ќе бидат на избирачките места за да го следат процесот на изјаснување на граѓаните на Република Македонија за референдумското прашање. Официјалната бројка од ДИК на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи е 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи. Покрај домашни, референдумот ќе го следат и странски новинари. ДИК акредитирала 83 новинари од 32 медиуми, но, како што информираат оттаму, неколкумина новинари биле одбиени поради тоа што доставиле барање за акредитации по истекот рокот кој заврши на 24 септември на полноќ.

Најмногу набљудувачи акредитирало Здружението за граѓански политики и иницијативи 5.574, потоа Сојузот на Здруженија на граѓани Македонска платформа против сиромаштија 3.736, МОСТ 1.882, Цивил – Центарот за слобода 307, Здружението Ленка 129, Здружението за афирмација на хумани вредности и младинска интеграција Мак Сонце 119 набљудувачи, Здружението Национален ромски центар 46, Европско движење за град Скопје 44, Здружението Инклузива 40 и Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид 30 набљудувачи. Референдумот утре ќе го набљудуваат 197 монитори на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, а тие акредитирале и 129 преведувачи. Меѓународната невладина организација Светски македонски конгрес акредитирала 167 набљудувачи, Амбасадата на САД 35 набљудувачи и 47 преведувачи, а набљудувачи акредитирале у други амбасади.

Од акредитираните странски медиуми најмногу акредитирала Ал Џезаира Балкан 15 новинари, потоа Асошиејтед прес 11, ТВ Алфа од Грција тројца новинари, Австрискиот јавен сервис четворица, ТВ Антена исто така тројца, останатите медиуми имаат акредитирано по еден или по двајца новинари.

На последното изјаснување на граѓаните на Македонија - Локалните избори на 15 октомври лани, беа акредитирани 5011 домашни и 337 странски набљудувачи.