Иванов во ОН - Ако референдумот успее ќе бидеме држава по име, но не и по суштина

Архивска фотографија - Обраќање на претседателот Ѓорге Иванов на Генералното собрание на ОН

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации го посвети на објаснување на штетноста на Договорот за името со Грција и ги повика земјите членки кои веќе ја признале Македонија под уставно име да не ја менуваат својата одлука. Претседателот вели дека со Договорот се прекршува правото на самоопределување.

„Грција со Договорот од Преспа и наметнува нов име и бара истото да се применува ерга омнес и за надвор и за дома. Предвидено е Македонија да го промени Уставот, при што Грција би била конечниот авторитет што ќе ги одобри измените. Грција ќе добие постојан надзор како ние ќе се именуваме себе си, но и како вие членките на ОН ќе ни се обраќање“, рече Иванов.

Тој уште еднаш повтори дека на 30 септември нема да гласа на референдумот, а од граѓаните побара, како што рече, да донесат правилна одлука.

„Гласањето на референдумот е ваше право, а е обврска. Ако референдумот успее ќе бидеме држава само по име, а не и по суштина, бидејќи друг ќе ни го регулира начинот на животот. Но доколку не е успешен, тогаш се отвора нова можност, можност да разговараме и да ги разгледаме новите опции за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на фундаменталното право на самооопределување“ рече претседателот Иванов.

Иванов говореше на тема: „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите луѓе: Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества“.