Претседателот Иванов нема да гласа на референдумот

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов имаше обраќање пред Обединетата Македонска Дијаспора во Детроит.

Претседателот Ѓорге Иванов изјави дека на 30 септември нема да излезе и да гласа на референдумот за Договорот со Грција. Иванов ова го изјавил на средбата со претставници на дијаспората во Детроит, САД, соопштија од Кабинетот на претседателот.

Иванов изјавил дека два пати ја добил довербата на граѓаните за да не дозволи промена на Уставот со цел промена на уставното име и да не прифаќа, како што рекол, идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Тој изјавил дека нема да отстапи од тоа и затоа нема да гласа.

Секој граѓанин, рекол Иванов, има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.

Како што стои во соопштението, Иванов потенцирал дека прашањето за името и идентитетот е постаро и поскапо од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател, од секој поединечен интерес.

Иванов во обраќањето го реафирмирал својот став дека спогодбата со Грција е штетна и поразителна за Република Македонија и оти решението што им се нуди на македонските граѓани на референдум е донесено без национален консензус, спротивно на досега изградените државни позиции и без негово знаење и согласност.

Претседателот Иванов престојува во работна посета на САД по повод учеството на 73. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.