Министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната трибина во Прилеп рече дека како ретко кога во историјата сега сè зависи од нас за нашата иднина.
„Ако успее овој процес, државата и институциите ќе бидат Република Северна Македонија. Државјанството ќе биде македонско, со коса црта граѓанин на Северна Република Македонија. Народот ќе биде - македонски, заедно со сите наши сограѓани кои се дел од другите народи. Јазикот ќе биде македонски. Како Македонци ќе влеземе во НАТО и како Македонци ќе чекориме во ЕУ. Минатото е важно, но не можеме да го смениме, туку само да научиме лекции, а иднината е таа која може да ја промениме“, рече Димитров на трибината насловена „Излези за европска Македонија“.
Според Димитров, придобивките за членството во НАТО за околу една година и во ЕУ се големи и значат соочување со проблемот, поглед во иднината и грижа за младите генерации како и патриотска храброст.
„За 30 септември нема никакви оправдувања, тој ден е влог во иднината на државата, за нас и за нашите деца и родителите“, рече Димитров.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека ниту еден глас не може и не смее да биде злоупотребен.
„Институциите функционираат да им обезбедат на граѓаните демократско право да носат одлуки. Никој нема право, ниту ќе има можност да го спречи демократското право на референдум на граѓаните и зато им упатувам јасна порака на оние кои им се закануваат и ги залажуват граѓаните дека нема да го направат тоа и да не се залажуваат“, смета Спасовски.