Иран обвини дека зад нападот на воената парада стои странски режим

Напад на воена парада во Ахваз.

Се зголемува бројот на жртви во нападот за време на воена парада во иранскиот град Ахваз. Во нападот загинале 24 луѓе, а 53 се ранети, објави официјалната иранска новинска агенција ИРНА.

Цитирајќи „познати извори“, ИРНА објави дека вооружени лица облечени во воени униформи отвориле оган за време на парадата, на местото на кое се собирале властите да ја одбележат годишнината од почетокот на војната со Ирак во осумдесеттите години од минатиот век. Агенцијата цитира неименуван висок претставник на власта кој вели дека голем број од жртвите се цивили, меѓу нив жени и деца кои ја следеле парадата. Но ИРНА не соопштува колку членови на иранската револуционерна гарда се меѓу жртвите.

Полуофицијалната новинска агенција Тасним, пак, вели дека најмалку осум членови на револуционерната гарда биле убиени.

За иранската државна телевизија, портпаролот на иранските вооружени сили изјавил дека тројца од терористите биле убиени на самото место, а четвртиот кој бил повреден починалво болница.

Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, на Твитер објави дека напаѓачите биле „регрутирани, обучени, вооружени и платени од страна на странски режим“. Тој ги обвини земјите од регионот и нивните американски господари за нападот, додавајќи дека Иран ќе одговори „брзо и решително“.

Рускиот претседател Владимир Путин изрази сочувство до Иран по нападот, велејќи дека Москва е подготвена да ги зајакне заедничките напори во борбата против тероризмот, јави РИА новости.