Повисоки плати за вработените во градинките, училиштата и болниците

Заедничката прес – конференција на Филипче, Адеми, Тевдовски и Царовска.

Вработените во градинките, училиштата и болниците ќе имаат зголемување на платите за пет отсто. Покачувањето почнува од септемвриската плата што ќе се исплати во октомври.

Ова на денешната заедничка прес-конференција во Владата го соопштија министрите за финансии, за здравство, за образование и наука и за труд и социјална политика Драган Тевдовски, Венко Филипче, Арбeр Адеми и Мила Царовска.

Министерот Тевдовски информира дека оваа промена ја најавиле уште со Буџетот за 2018 година, кој беше донесен минатата година.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми појасни дека сите вработени во јавните и државните основни и средни училишта во земјата, независно дали се ангажирани на неопределено или на определено работно време, ќе добијат зголемување на платите за пет отсто. Станува збор за околу 30 илјади вработени. Предвидените средства за оваа година за последниот квартал изнесуваат 145 милиони денари, додека за следните години се предвидени околу 580 милиони денари.

Во јавното здравство, пак, зголемување ќе добијат 19.123 вработени за што се издвоени 117.483.846 денари од буџетот за 2018 година.

Министерката Царовска нагласи дека зголемување од пет отсто ќе добијат и сите воспитувачки и негувателки кои работат во предучилишното образование. Се работи за 4.295 вработени, за што МТСПП обезбеди 15 милиони денари.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Тевдовски потсети дека ова зголемување на платите беше најавено од минатата година, беше внесено во Буџетот, изгласано од страна на Собранието на Република Македонија кога не се знаело дека ќе има референдум.