Граѓанската асоцијација МОСТ, во својот периодичен извештај од набљудувањето на референдумот, објавува дека единствени субјект кој има интензивни активности на терен е коалицијата „Заедно за европска Македонија“.
„Апелот на претседателот на Владата на РМ до бизнисмените, финансиски да ги мотивираат вработените во нивните компании да гласаат е неетички потег кој не треба да биде дел од еден ваков важен процес. Ваквото однесување поставува преседан кој во иднина може да стане составен дел од кампањите и однесувањето на политичарите“, наведува МОСТ во својот извештај.
Субјектите кои пропагираат граѓаните да не гласаат на референдумот имаат значително помал процент на активности. Од асоцијацијата велат дека активностите што ги преземаат меѓународни и домашни организации и останати субјекти да одржуваат информативни дебати и трибини, придонесуваат за зголемување на нивото на знаење и информираност на граѓаните.
Во набљудуваниот период добиени и анализирани се 311 извештаи за кампања и 978 дневни извештаи за настани и случувања во општините.
Што се однесува до работата на ДИК, од МОСТ оценуваат дека во набљудуваниот период ДИК работела во колегијална атмосфера и сите одлуки ги донеле едногласно, што е за поздравување. Исто така, позитивно се оценува и транспарентноста на работата на ДИК. Од МОСТ имаат и некои забелешки за основите по кои може да се бара изземање од членство во изборните органи и за пропусти во прирачникот за едукација на изборната администрација.
МОСТ ја набљудуваше и постапката за дополнување на составот на избирачките одбори во 73 општински изборни комисии. Треба да се нотира дека истата заврши неколку дена по законски предвидениот рок.
МОСТ ги охрабрува сите граѓани да се информираат за секој аспект од референдумот, активно да се вклучат во носењето одлуки и својот глас да го дадат согласно нивното лично уверување и волја. Секаков притисок, уцена или заплашување на граѓаните се спротивни на демократските вредности и принципи, велат од МОСТ.
Граѓанската можат да пријават каквибило притисоци или нерегуларности на бесплатната телефонска линија 080-080-080.
Набљудувањето на референдумот од страна на МОСТ започна на 3 септември, со распоредување на 80 долгорочни набљудувачи, кои ги покриваат сите општини во Македонија.