Лавров: Русија со ништо не се обидела да влијае на референдумот во Македонија

Босна и Херцеговина- рускиот министер за надворешни работи на прес конференција во Сараево, 21.09.2018

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска во Бања Лука негираше дека Русија се меша во исходот на референдумот за името во Македонија, јави новинската агенција ФЕНА, а пренесува МИА.

“Русија со ништо не се обидела да влијае на исходот на референдумот за името во Македонија, додека пак гледаме како бројни европски и американски функционери навиваат за исходот на референдумот”, изјави Лавров.

На средбите со претседателот на Република Српска, Милорад Додик и со министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, Лавров рече Русија е против наметнувањето на „вештачки избор“ пред балканските држави, кои се принудуваат да се изјаснат дали се „со Запад или со Русите“.

“Неприфатливи се постапките на разни надворешни играчи, кои се обидуваат на народите на Балканот да им наметнат вештачки избор - дека или сте со нас - или со Руската Федерација”, изјави Лавров на денешната прес конференција со Додик.