Сведочења за насилствата во Собранието на 27 април

Архива: инцидентите во Собранието на 27 април.

Со сведочење на градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш и новинарката Душица Мрѓа, денеска продолжи рочиштето за случувањата во Собранието на 27 април минатата година.

Дудуш во судницата рече дека се сеќава оти на 27 април бил во галеријата на прес-салата во Парламентот, кога влегле поголема група на демонстранти кои извикувале „ќе бидете убиени.“ Тој рече дека надвор од прес-салата го препознал Игор Дурловски. На прашање на обвинителот Еленко Миланов каде го видел Дурловски, Дудуш рече дека го видел пред салата каде што се одвивало насилството и дека кога се симнувал по скалите пред да биде евакуиран, три лица го нападнале, а според него Дурловски ги навел на тоа, но оти не може да тврди со сигурност.

Новинарката Душица Мрѓа рече дека во Собранието била од 11 часот и дека по обраќањето на Зоран Заев се вжештила атмосферата, бидејќи најавил дека ќе биде избран Талат Џафери за претседател на Парламентот, а во прес-центарот гледале во живо како поголема толпа влегуваат во Собранието. Кога влегла толпата, според неа, целта им била Зоран Заев, Талат Џафери и Зијадин Села, им се заканувале дека ќе ги убијат, дека се предавници. Таа рече дека кога состојбата ескалирала, почнало да се удира по секого, дури и по новинарите и оти забележала како Села излегува сам и како го опколиле повеќе луѓе и почнале да го тепаат.

На денешното рочиште треба да сведочат и Агим Нухиу, Сашо Тасевски и Владимир Трајков. За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок, а две лица за помагање на делото.