Курц: Некои земји од ЕУ се скептични кон реформите на Фронтекс

Австрискиот канцелар Себастијан Курц

Неколку земји членки на ЕУ се скептични кон идејата за проширување на мандатот на Европската агенција за контрола на границите - Фронтекс, изјави денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц, чија земја е актуелен претседавач со Унијата. Според Курц, овие земји, меѓу кои се и Грција, Италија и Шпанија, треба да бидат убедени да ги поддржат реформите на Фронтекст за време на на дводневниот Самит на ЕУ, што почнува доцна попладнево во австрискиот град Салцбург.

Европската комисија предложи бројот на припадниците на Фронтекс до 2020 година да се зголеми до 10.000, при што тие би имале поголеми овластувања во контролата на надворешните гранции на ЕУ, со цел да се спречи приливот на мигранти.

Главни иницијатори на реформите на Фронтекс се Германија и Франција, кои на Самитот во Салцбург ќе се обидат да ги убедат останатите членки на Унијата да се согласат со предлозите. Против идејата за поголеми надлежности на Фронтекс и за нивно право да се мешаат во контролата на границите на земјите членки, претходно се изјасни и унгарскиот премиер Виктор Орбан.