Мас - На дофат ви е историска шанса, искористете ја

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, се сретна со својот македонски колега Никола Димитров во Скопје

Се надевам дека сите Македонци на 30 септември ќе го искористат своето право и ќе гласаат на референдумот. На дофат е историска шанса да се реши спорот за името и да се отвори европската перспектива на Македонија. Одлуката е во рацете на граѓаните, истакна министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Според него, решавањето на спорот за името е важен чекор во правец кон Европа.

„Македонија идната година може да почне преговори со ЕУ. Јас сум сигурен дека кај одговорните лица во Скопје ќе се отвори тој пат. Ние сме за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Тоа е важно за стабилноста на регионот и затоа тоа не е само ваш туку и наш европски интерес. Истовремено, пристапувањето во ЕУ подразбира и други критериуми - правна држава, борба со корупција и организиран криминал“, рече Мас.

Тој посочи дека со решавањето на спорот се покажа дека власта има визија за иднината на Македонија и упати охрабрување да продолжи по тој пат чекорејќи храбро.

Димитров рече дека со посетата на Мас, на онаа на канцеларката Меркел на Денот на независноста и утрешната на германската министерка за одбрана, не може да има појасен сигнал за германската поддршка која се темели на една основна причини дека Берлин препознава решителност кај Република Македонија да си ги реши проблемите, да застане на нозе и тргне напред.