Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и германскиот амбасадор Томас Герберих денеска ја потпишаа Декларацијата за признавање и замена на возачки дозволи.
Со потпишувањето на декларацијата македонските граѓани, кои имаат македонска возачка дозвола додека престојуваат на територијата на Германија ќе немаат потреба од меѓународна дозвола. Воедно македонските државјани кои имаат регулирано престој на германска територија на нивно барање ќе можат да извршат замена на возачките дозволи.
Со стапувањето во сила на декларацијата за реципрочното признавање на возачките дозволи во двете земји, сите граѓани на Македонија кои живеат или престојуваат во Германија веќе ќе нема потреба да полагаат теоретски и практичен тест, да посетуваат преглед за вид и да ги поминуваат сите потребни процедури.
Македонските државјани во Германија досега со македонска возачка дозвола смееја да возат само во првите шест месеци од пристигнувањето. Потоа треба да полагаат за возачка дозвола, а цената е околу 1.500 евра.
Република Македонија досега има потпишано договор за признавање на возачките со седум држави и тоа со Шпанија, Италија, Србија, Албанија Црна Гора, БиХ и Австрија. Во тек е склучување вакви билатерални договори со Косово, Турција и Велика Британија. Врз основа на поднесена апликација за признавање на македонска национална возачка дозвола, во тек е постапка со Австралија и Нов Зеланд.