Ѕанакопулос: Преспанскиот договор ќе биде изгласан во грчкиот Парламент

Потпишувањето на договорот за името во Псарадес. 17.06.2018.

„Очекуваме и се надеваме на позитивен резултат на референдумот, бидејќи сметаме дека ова ќе биде првиот и одлучувачки чекор за Договорот од Преспа да стапи на сила. Му посакуваме успех на господинот Заев и го очекуваме резултатот“, изјави портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, јавува МИА.

На денешен брифинг со новинарите, Ѕанакопулос порача дека и покрај ставовите и позициите на коалицискиот партнер во Владата Панос Каменос, договорот од Преспа ќе дојде во грчкиот Парламент и ќе биде изгласан, односно дека постои комотно парламентарно мнозинство за негова ратификација.

„Господинот Каменос не ги криеше неговите позиции во изминатите околу осум месеци откако се отворија разговорите кон договор за името на нашата соседна земја. Оттука, јас треба да ви кажам дека волјата на премиерот е штом се завршат предвидените чекори, односно, позитивен исход на референдумот и завршување на уставната ревизија во Собранието на соседната земја, да го донесе договорот и да се изгласа. Ако ги видите политичките корелации во грчкиот парламент произлегува дека за Владата не постои апсолутно никаква опасност. Договорот и ќе се достави и ќе се изгласа“, рече Ѕанкопулос.