Продолжува рочиштето за „Траекторија“

Архива: Никола Груевски на судење за Траекторија.

Рочиштето за предметот на СЈО „Траекторија“ денеска продолжи во Кривичниот суд со слушање на прислушувани разговори, за кои одбраната бараше да биде исклучена јавноста. Во разговорите се слуша како поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски го советува поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески да одберат голема градежна компанија од Кина која ќе им помогне да добијат кредит, бидејќи како што вели, тие си имаат свои луѓе кои посредуваат со кинеските банки.

Одбраната на Пешевски рече дека во разговорите во кои учествува тој, не постои никакво кривично дело кое му се става на товар. Тие сметаат дека СЈО треба да ги достави сите разговори, а не селективно како што направиле.

Бранителот на поранешниот премиер Никола Груевски и на Јанакиески, Димитар Дангов, рече дека има забелешка на неподобноста на доказите и побара пауза за да се консултира со техничкиот советник.

За „Траекторија“ во судницата треба да се преслушаат вкупно 315 „бомби“, во случајот во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на ЈП Државни патишта Георгиевски, дека во 2012/2103 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите до Штип и до Охрид и нанеле штета на државниот Буџет од најмалку 155 милиони евра.