Германски лекари: рускиот активист Верзилов најверојатно бил отруен

Рускиот активист Пјотор Верзилов при пристигнувањето во Берлин.

Германски лекари во болница во Берлин, каде се лекува рускиот активист Пјотор Верзилов, велат дека најверојатно бил отруен.

„Впечатокот и наводите кои ги имаме сега, како и оние што ги обезбедуваат колегите од Москва, укажуваат на тоа дека е многу веројатно дека станува збор за труење“, изјави доктор Каи-Уве Еккарт на денешна прес-конференција.

Неговиот колега доктор Карл Макс Ајнхауп додаде дека нема друго објаснување за тоа што Верзилов бил во таква состојба и дека нема докази дека тој страдал од долгорочна болест.

Еккарт рече дека Верзилов добива интензивна нега откако пристигнал во Берлин на 15 септември, но оти не е во животна опасност.

Докторот рече дека симптомите укажуваат на нарушување на дел од нервниот систем на Верзилов кои ги регулира внатрешните органи.

Но, супстанцијата за труењето не е утврдена. Еккарт исто така рече дека Верзилов бил добро третиран во Москва, пред да биде пренесен во Берлин.