ЕП ја потврди препораката за укинување на визите за Косово

Илустрација: знамето на Косово.

Европскиот парламент со мнозинство гласови денеска ја потврди препораката за визна либерализација за граѓаните на Косово. За препораката гласаа 420 европски пратеници, 186 беа против и 22 воздржани.

По денешното гласање ЕП го одобри отворањето на преговорите со Советот на министри. Официјалните претставници од земјите членки на ЕУ ќе разговараат за ова прашање на 17 септември. Извори блиски до разговорите за РСЕ велат дека особено Франција и Холандија не се подготвени да му дадат на советот мандат за преговори.

Откако двете институции на ЕУ ќе успеат да постигнат договор за откажувањето на визите, граѓаните на Косово без виза ќе можат да влезат во земјите на ЕУ 90 дена во период од 180 дена, доколку имаат биометриски пасош.

Договорот важи за сите земји на ЕУ, освен Британија и Ирска, но важи и за земји кои не се во Унијата, како Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.

Косово е единствена земја од Западен Балкан чии граѓани се уште не можат без визи да патуваат во ЕУ.