Мичел - Димитров: НАТО ќе придонесе за побезбедна Македонија

Помошникот државен секретар на САД за европски прашања Вес Мичел.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска имаше средба со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Вес Мичел, кој престојува во работна посета на нашата држава.

На средбата беше разговарано за евро-атлантските перспективи на Република Македонија, како и за актуелните политички состојби во земјата и во регионот. Димитров ја потенциреше важноста од натамошна поддршка на САД во евро-атлантските интеграции на Македонија и соработката заснована на стратешкото партнерство:

„Нашето заслужено членство во Алијансата, значително ќе придонесе кон градење на просперитетна и побезбедна Република Македонија, што ќе биде од значење и за целиот регион“, рече Димитров.

Мичел повторно ја реафирмираше силната поддршка на САД за полноправно членство на Македонија во НАТО и ЕУ и ги поздрави напорите на земјата на тој пат, особено со конструктивната политика со соседите, како и постигнувањето на решение за спорот околу името со Грција. Во тој контекст, тој ги повтори очекувањата за успешен референдум и имплементација на Договорот со Грција, со цел заокружување на процесот на зачленување во НАТО и Европската унија.