Трамп нареди казни за странски кои се мешаат во американските избори

Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп издаде нова наредба за казнување странци за мешање во американските избори. Наредбата, потпишана денеска, доаѓа во време на постојани критики кон Трамп и кон неговата администрација дека го намалува значењето на заканите за американските избори, вклучително и за претседателските избори од 2016 година на кои тој победи.

Директорот за националното разузнавање, Ден Коутс, изјави дека интензитетот на руското мешање не е како во 2016 година. Тој исто така рече дека наредбата не се однесува конкретно на Русија и ги спомна и Кина, Северна Кореја и Иран како можни закани.

Советникот за национална безбедност, Џон Болтон, изјави дека наредбата им дава овластувања на Стејт департментот и на Министерството за финансии да одлучат за соодветни санкции, кои може да вклучуваат замрзнување на средства, ограничување на пристапот до американски финансиски институции и ограничувања за патување.

Безбедносните и воените агенции предупредија дека претстојните избори за Конгресот на 6 ноември може да бидат ризик за странско мешање. На тие избори ќе се одлучува кој ќе има мнозинство во Конгресот.

Трамп постојано го намалува значењето на наодите на разузнавачките служби за наводно руско мешање.