На еден ден по неуспешниот самит во Техеран на кој учествуваа претседателите на Турција, Русија и Иран, руски и сириски воени авиони почнаа да бомбардираат градови во покраината Идлиб, јавува Ројтерс.
Очевидци и спасувачи јавуваат дека од воздух се нападнати повеќе села и градови во Јужен Идлиб, како и градот Латамнех на северот на Хама, кои се сѐ уште под контрола на бунтовниците. Сириски хеликоптери фрлале буриња со експлозив врз куќи во градот Кан Шејкун, изјавиле жители на таа област во јужен Идлиб за странските дописници.
Меѓународните организации и институции веќе десетина дена предупредуваат дека ако има напад на Идлиб ќе се случи хуманитарна катастрофа, предупредување на кое не се одзваа руските сили и силите на сирискиот претседател Башар ал Асад.