Загриженост за правото на подготовка за одбрана на судењето за 27 април

Судeње за насилствата во Собранието на 27 април 2017

Коалицијата „Сите за правично судење“ ја истакнува својата загриженост по однос на динамиката на движење и траење на судските расправи, а која конкретно кулминираше на рочиштето во предметот поврзан со настаните од 27 април 2017 година кое се одржа вчера. Судењето траеше од 12 до 21:30 часот.

„Со пролонгираното времетраење на рочиштето, а по завршувањето на работното време на судот и неговото траење од 9 часа и 30 минути сметаме дека се постапува на штета на обвинетите во постапката со тоа што се врши повреда на нивното право на адекватно време и простории за подготовка на одбраната. Ова од причина што на обвинетите им се оневозможува правото на ефективна комуникација со бранителите, во насока на отсуство на разумно и доволно време за подготовка на соодветна одбрана. Имајќи го предвид фактот дека на ова рочиште беа изведувани докази на јавното обвинителство до 21:30 часот, а во текот на следниот ден за кога е повторно закажано рочиште по овој предмет во 10 часот, на кое што ќе се продолжи со изведување на доказите на јавното обвинителство, одбраната не е во можност во траење на 12 часа и 30 минути помеѓу двете рочишта да ја подготви својата стратегија и да овозможи соодветна одбрана. Ова е деликатна ситуација, особено имајќи го предвид фактот што најголемиот дел од обвинетите се во притвор каде што комуникацијата со бранителите и онака е отежната поради логистички и технички услови“, се наведува во реакцијата.

Коалицијата вели дека истото прашање може да биде поставено и низ призмата на другите учесници на постапката, односно колку ефикасни можат да бидат јавните обвинители при застапување на обвинението, како и колку квалитетно судечкиот совет може да го следи текот на расправата.

Членот 6 од Европската конвенција за човекови права упатува на минимални утврдени права на секој обвинет во постапката, помеѓу кои предвидено е и обезбедување на адекватно време и услови за подготвување на одбрана, наведува Коалицијата Сите за правично судење.