Пратеникот Весел Мемеди од НДП, кој во Кривичниот суд сведочи за настаните од 27 април во Собранието, рече дека додека пратеникот Зекирија Ибраими од БЕСА ја пеел албанската химна добил порака од пријател со содржина „што прави овој и дали е нормален“ на што одговорил дека „не е од тука и дека сето ова е сценарио“.
„За ова сум сигурен и да ме прашаш по 15 години ќе кажам и лично сум убеден дека тоа беше сценарио. Тоа го знам зошто јасно видов дека пред пратеникот од БЕСА да добие збор, за збор се пријавија Артан Груби и Џевад Адеми, а додека тој ја пееше химната пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги стишуваа луѓето во салата за повеќе и јасно да се слуша албанската химна“, рече Мемеди.
Откако Ибраими заврши со пеењето на албанската химна, додаде тој, Крсто Мукоски ја пееше македонската химна по што заврши пленарната седница.