Сведочење на Тодоров за случувањата на 27 април во Собранието

Архива: Почеток на судeњето за насилствата во Собранието на 27 април 2017

Со сослушување на сведокот Никола Тодоров почна денешното рочиште во Кривичен суд за настаните од 27 април минатата година во Собранието. Поранешниот министер за здравство рече дека отакако видел оти голем број луѓе се влезени во Собранието по, како што наведе, нестандардниот избор на Талат Џафери за претседател, се упатил кон кабинетот на тогашниот претседател Трајко Велјановски.

„Видов дека пленарната сала беше исполнета со луѓе кои пееја и вееја знамиња. Беше многу загушливо и излегов до тоалет. Потоа ми се јави Шекеринска и ми кажа дека е вон прес салата, каде еден човек веќе е мртов. Итно се јавив во Здравствен дом Скопје и побрав итна медицинска помош, по што се упатив во прес салата“, рече Тодоров.

Тој истакна дека толпата не го пуштила да влезе во прес-салата ниту со четворица лекари кои ги повикал од Брзата помош и дека тој и лекарите првата средба со повредените пратеници на СДСМ ја имале во канцеларијата на Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ. Тодоров рече дека тешко повредениот Зијадин Села полицијата го маскирала во полицаец, а Шекеринска во докторка со мантил, по што влегле во амбулантно возило на пат накај Клиничкиот центар.

На денешното судско рочиште се присутни сите обвинети за настаните на 27 април 2017 година во Собранието и нивните бранители. Освен Тодоров, на почетокот на судењето беа присутни сведоците Весел Мемеди и Оливер Спасовски, а премиерот Зоран Заев пристигна подоцна, откако го известил Судот дека не може да присуствува на почетокот поради средба со австрискиот канцелар Курц.

Подоцна на судењето пристигна и Заев кому Кацарска му кажа дека сведочењата ќе траат подолго пред да дојде тој на ред и дека може да одлучи дали ќе чека во Суд или поради функцијата што ја обавува ќе биде повикан еден час пред да треба да сведочи.

Обвинети во случајот за настаните од 27 април се 33 лица, од кои 31 се товари за терористичко загрозување на уставниот поредок, а две за помагање на делото. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.